На 9 и 10 декември 2025 година, во Брисел, Белгија се одржа Седница на Управниот одбор на ГЦЕРФ на која се разговараше за Стратегијата на ГЦЕРФ 2026-2029, финансиската состојба на Фондот, како и за Буџетот за финансирање на активностите во 2026 година.
На Седницата учествуваа претставници од неколку држави, при што голем дел од учесниците се вклучија во расправата.
На Седницата на Управниот одбор учествуваше и Павле Трајанов, национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот на Република Северна Македонија, кој меѓу другото се осврна на долгогодишната исклучително добра соработка со ГЦЕРФ, која резултира со кредибилни и одржливи активности на планот на спречување на радикализација и насилен екстремизам, активности кои придонесоа загрозеноста од можни терористички закани на Северна Македонија да биде на ниско ниво.
Тој информираше дека Северна Македонија има добро поставен систем за спречување на насилниот екстремизам, кој систем постојано се надоградува, при што се користат и добрите практики.
Како што истакна Трајанов, новата стратегија на ГЦЕРФ претставува силен предизвик и одлична основа да продолжиме по две клучни насоки и тоа јакнење на институционалните капацитети, и превентивно дејствување, преку мекиот пристап во кој се вклучени над 20 граѓански организации, кои ги поддржува стратешки и финансиски ГЦЕРФ. \
„Преку добро осмислени стратегии и национални планови, спроведуваме активности за реинтеграција на повратници од Сирија и Ирак кои биле вклучени во Исламската Држава, а кои се вратиле во Македонија. Во овој процес се вклучени и граѓанските организации, преку кои се вклучени и бројни експерти, се организираат работилници, обуки и други активности за рано откривање на знаци на радикализација и превенција“, подвлече националниот координатор Трајанов и додаде:
„Соработуваме и со ОБСЕ, Советот на Европа, но и ЕУ, посебно околу спроведување на Новиот Акциски план за земјите од Западен Балкан, план кој е компатибилен со новата стратегија на ГЦЕРФ. Имаме и соработка и имплементираме бројни проекти и со амбасадите на САД, Холандија, Германија, Велика Британија, Италија и други.
Преку различни форми на планот на превенцијата опфатени се неколку илјади ученици, професори, воспитувачи во воспитно поправните домови, припадници на полицијата, верски заедници итн. Посебно внимание посветуваме на активностите на локалните заедници, каде функционираат локални мултидисциплинарни тимови, спроведуваме програми за пост-пенален третман на СТБ итн. Секаде ги нагласуваме резултатите кои ги постигнуваме и кои се видливи со GCERF и работиме на тоа овој ФОНД да продолжи со своите стратешки цели за што е неопходна поддршка од донаторите во кои ја вклучуваме и Северна Македонија“.
Според Националниот координатор, се соочуваме со сериозни и тешки предизвици, геостратешките безбедносни состојби се сложени и комплицирани, тоа бара заедничко дејствување. Онлајн радикализацијата преку социјалните мрежи, користењето и злоупотребата на вештачката интелигенција, поврзаноста на организираниот криминал и тероризмот, финансирањето на тероризмот преку крипто валути, се сложени и тешки предизвици.
Трајанов во своето обраќање рече дека кризата во појасот Газа, војната во Украина и бројните други конфликти имаат силно влијание и затоа мораме да бидеме будни и активни. Слободата и демократијата треба да се надоградуваат, чуваат и развиваат.
Националниот координатор Павле Трајанов истакна дека во овие сложени состојби и предизвици, Македонија својата надворешна и безбедносна политика ја има усогласено со политиките на ЕУ и НАТО, како и со нашите стратешки партнери, САД и други држави и потенцираше дека ГЦЕРФ е наш кредибилен и стратешки партнер.
