Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на 7-ми јуни 2023 година, ја одржа својата четврта седница.
Седницата ја водеше Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, a присуствуваше и заменикот национален координатор за борба против тероризам како и членовите на на државните институции кои партиципираат во Националниот комитет (дваесет и две).
Националниот координатор се осврна со претставување на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам 2023-2027 година и пропратните акциски планови, со фокус на потребата од што поскоро започнување на имплементација на утврдените приоритетни активности.
Воедно во врска со Националните стратегии се зазема став тековно да се имплементираат, а по истекот на две години да се изврши нивна евалуација.
Втората точка на дневниот ред беше реализацијата на предвидените активности во Аранжманот за спроведување на Заедничкиот акциски план за борба против терoризам во Западен Балкан помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија.
Националниот координатор ја образложи улогата на Националниот комитет во исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Заедничкиот акциски план за борба против тероризмот за Западен Балкан.
Присутните го изразија своето задоволство за досегашното успешно делување за досегашната работа на Националниот комитет нагласувајќи дека гледаат предизвик во имплементирањето на Акциските планови на Националните стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам 2023-2027 година, свесни дека на тој начин даваат свој придонес на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија.
Посебно се потенцираше значењето на новите стратегии во надминувањето на појавите на радикализација кои можат да водат кон тероризам и заканите од евентуален терористички акт во Република Северна Македонија.