Успешно реализиран твининг проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот“

Националниот координатор и претставници на националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, присуствуваа на завршниот настан од твининг проектот "Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризам".

На завршниот настан свое обраќање имаа заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши, заменикот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Џулијан Васало, претставничката од италијанската амбасада Алесандра Латини, директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и заменик директорката на Агенција за разузнавање Александра Бакревска Додовска.

За реализацијата посебно се осврнаа и двајцата проектни лидери на овој проект, националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам Златко Апостолоски и бригадниот генерал Никола Конфорти од Република Италија. Постојаниот твининг советник – потполковникот Масимо Пани ги објасни во детали реализираните активности и финансиската конструкција на целокупниот проект.

Националниот координатор, Златко Апостолоски, упати благодарност до Европската Унија за истакнатата посветеноста за успешна реализација на проектот, кој битно влијае на зајакнување на капацитетите на институциите во Република Северна Македонија во борбата против тероризмот. Тој изрази надеж дека ќе продолжи континуираната соработка со безбедносните институции на членките на Европската заедница како и со Република Италија.

Учесниците на проектот констатираа дека поставените цели за зајакнувањето на ефикасноста и ефективноста на националните органи за гранична контрола, управување со миграциските текови, борбата против тероризмот и организираниот криминал, со ставање посебен фокус на зајакнување на техничките и административни капацитети за откривање, истрага и спречување на тероризмот, со овој проект се успешно реализирани.

Проектот беше финансиран од Европската Унија, а спроведен од страна на единицата за специјални операции Карабиниери, заедно со агенцијата „Studiare Sviluppo“ од Италија во период од три години.