Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам на средба со претставници на Европската комисија

Во просториите на Владата на Република Северна Македонија, националниот координатор за спречување за насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски и неговите заменици Џеладин Ајвази и Златко Арсов, имаа неколку часовна средба со претставници на Европската комисија.

Целта на состанокот е ажурирање на напредокот на Република Северна Македонија во имплементацијата на Заедничкиот акциски план во борбата против тероризмот за Западен Балкан.

На состанокот се разговараше за институционалната поставеност и законското усогласување на Република Северна Македонија со правните регулативи на Европската заедница, нивна имплементација и капацитет за спроведување, соработката на нашите безбедносни институции со ЕВРОПОЛ, степенот на ефикасност на активностите преземени во делот на  превенцијата и борбата против насилниот екстремизам. Исто така беа опфатени прашања од областа на борбата против перење пари и финансирање тероризам како и зајакнување на заштитата на граѓаните и инфраструктурата.

Состанок резултираше со низа предлози од страна на делегацијата на Европската комисија за продлабочување на соработката со нашата земја во различните активности како и со давање поддршка во изготвување на стратешките документи за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, како и поддршка на Република Северна Македонија за изготвување на Законот за критична инфраструктура и негова имплементација.

Од страна на делегацијата на Европската комисија предложено е подготовка за потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Европската унија во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.

Со овој настан Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, дава соодветен придонес кон Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија во Поглавјето 24, Правда, слобода и безбедност.