Владата со надлежните институции и јавниот сектор се договорија да ја превенираат и спречуваат онлајн радикализацијата

Имајќи предвид дека радикализацијата преку интернет e феномен кој е во постојан развој, како на меѓународно ниво така и во нашата земја, Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, веднаш ја препозна потребата и ја поддржа идејата за подготовка на ваков вид на документ, предвиден во рамките на ИПА проектот „Зајакнување на капацитетите за превенција/спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот", финансиран од Европската Унија.

Поаѓајќи од основата дека соработката е главниот столб особено кога станува збор за радикализацијата, дефинирана како збир на процеси, кои кај одредени индивидуи доведуваат до промена на ставовите, што може да резултира со употреба на насилство, денеска претставници на Владата, надлежни институции и јавниот сектор потпишаа Меморандум за соработка во борбата против радикализација преку интернет.

Меморандумот го потпишаа Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостолоски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, како и претставници на агенциите за национална безбедност, за разузнавање, за млади и спорт, на Македонската академска истражувачка мрежа, Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување и компаниите „Македонски Телеком“ и „А1 Македонија“.

Меморандумот предвидува соработка на потписниците во делот на преземање на сите потребни мерки за ефикасна борба против феноменот на  онлајн радикализација и поттикнување на пријавување на јавни содржини со радикални елементи до надлежните органи.

На настанот на кој се обратија повеќе говорници, владини претставници и претставници на ЕУ делегацијата беше изразена подготвеност, за преземање мерки и активности преку превенирање, заштита, гонење и одговор на заканите од тероризам и терористичките активности.

Говорниците истакнаа дека Меморандумот овозможува дополнителни можности за ефикасно и брзо детектирање, таргетирање и дејствување примарно во насока на превенцијата и во насока на конкретно спроведување на законот, за сузбивање на радикализмот којшто форсира девијантно односно незаконско дејствување.

Профилот на потписниците покажува дека е постигнато одредено ниво на јавна свест и дека против овој феномен можеме да бележиме успеси, само доколку има заедничка соработка помеѓу државните институции и јавниот сектор.


Меморандумот за соработка во борбата против радикализација преку интернет како документ остава простор  за понатамошно вклучување  и на други чинители во борбата против радикализација на интернет просторот во нашето општество.