Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам денеска ја одржа првата седница на новиот состав со која претседаваше националниот координатор Златко Апостолоски.
На седницата, покрај другите членови на комитетот, присуствуваа и заменикот на националниот координатор за спречување на насилен екстремизам Џеладин Ајвази и заменикот на националниот координатор за борба против тероризам Златко Арсов, беа презентирани досегашните активности како и приоритетите во работата на членовите на комитетот во тековниот мандат.
На седницата беше констатирано дека успешното остварување на задачите на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, како и досега се остваруваат во конструктивна соработка помеѓу државните институции и другите општествени чинители како невладиниот сектор и меѓународните организации, кои се постојани партнери на ова тело на полето на спречувањето на насилен екстремизам и борба против тероризам.
Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам е формиран во 2017 година како координативно тело, за следење и анализирање на состојбата со превенцијата на насилниот екстремизам и борбата против тероризам и за координирање на активностите на надлежните институции кои работат на решавање на проблемите во оваа област. Во комитетот членуваат претставници од дваесет и две институции на Република Северна Македонија.