Во насока на подготовка на новите стратегии за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (2022–2026), Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам одржа три работилници.
Почитувајќи ги принципите на транспарентност, одговорност и отчетност беа поканети општествени чинители од различни профили кои можат да дадат значителен придонес во носењето на стратешките документи.
На дискусиите учествуваа Националниот координатор и неговите заменици како и претставниците на државните институции, верските заедници, медиумите, академската заедница, граѓанските и меѓународните организации.
Присутните аргументирано ги мапираа потребите и приоритетите на општеството во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот кои неопходно е да бидат уважени при процесот на подготовка на новите документи.
Улогата на државата во спречување на насилен екстртемизам кој води кон тероризам е од исклучително значење, затоа е потребно континуирано јакнење на техничките и човечките капацитети на нејзините институции. Почетна и главна точка на севкупните активности во следниот период треба да биде раната превенција кај младата популација. Семејството, образованието, локалната заедница се области во кои сите чинители потребно е да ги фокусираат своите активности, имајќи во предвид дека тоа е опкружувањето кое директно влијае при формирањето на совесна младина која нема да се посегне кон екстремизам, радикализам и крајно кон тероризам, стои во заклучоците од дискусиите.
Членството во Северноатлантската алијанса како и интенцијата за идно членство во Европската унија на нашата земја, ја наметнува потребата Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам двете Национални стратегии, да ги подготви во соработка со домашни експерти, но во рамките и согласност со европските директиви.