Претставници на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам остварија студиска посета на Кралството Холандија

Насилниот екстремизам кој може да води кон тероризам е појава кој изискува сериозен пристап на секоја земја поединечно, но за поуспешно справување со овој феномен потребна е како регионална така и меѓународна соработка. 

Кралството Холандија го препознава универзалниот карактер на тероризмот и екстремизмот и во таа насока несебично дава контиунирана поддршка на Република Северна Македонија, споделувајќи ги своите искуства и актуелности на полето во спречување на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.

Делегацијата на студиската посета беше составена од претставници на институции кои директно се инволвирани во справувањето со оваа девијатна појава: Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Агенцијата за национална безбедност.

Во текот на престојот беа посетени низа институции: Апелациониот суд во Хаг, Хашкиот дом за безбедност и грижа, Невладината организација - Меѓународен  центар за борба против тероризмот, Национално обвинителство во Ротердам, Националниот  координатор за безбедност и борба против теоризмот како и Секретаријатот на мрежата за геноцид при EUROJUST.

Присутните имаа прилика да се запознаат со поставеноста и надлежностите на институциите кои се вклучени во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот на Кралството Холандија. Посебен фокус беше ставен на повратниците од странски терористички војски, третманот пред и по нивната репатријација, правните постапки и норми кои ги користи холандскиот правен систем во предметите водени против нив.

На средбите се разговараше и за радикализацијата преку интернет, за онлајн заедницата и социјалните медиуми како актуелни предизвици.

Важноста од соработката на општествените чинители на различни нивоа вклучително и невладиниот сектор, улогата на општините и нивната комуникација со централната власт, важноста на изработката на проценка на ризик и нејзино често ревидирање, трендовите на екстремизмот и радикализацијата во светот, беа исто така теми за време на посетата, на кои беа разменети добри практики и искуства со кои поседуваат двете земји.

Делегацијата имаше можност да ја посети и европската агенција  EUROJUST со седиште во Хаг. Претставниците од институција го презентираа европското судство, нејзината организација, начинот на кој судските власти на членките на Европската унија, тесно соработуваат заеднички да се изборат против сериозниот организиран прекуграничен криминал.  Посебно се осврнаа на теми од сферата на интересот на групата односно борбата против тероризмот, воените злосторства и злосторствата против човештвото.

Студиската посета е реализирана во периодот од 12-ти до 16-ти декември 2022 година и е една од активностите предвидени во проектот „Национална платформа за борба против тероризам,  Кралство Холандија - Република Северна Македонија", имплементиран од страна на Центарот за меѓународна правна соработка од Хаг, со поддршка на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам.