Со цел остварување на регионална соработка на државите од Западен Балкан на 27 и 28 февруари во Скопје се одржа “Регионална конференција за превенција од насилен екстремизам и искуствата на претставници од државните институции”.
Конференцијата ја организираше Македонското здружение на млади правници - МАЈЛА во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам. Учествуваа претставници од земјите од регионот, Република Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. На конференцијата имаше можност да се споделат искуствата во однос на законодавството и регулативата за превенција на насилен екстремизам, a се разговараше и за меѓуинституционалната соработка во секоја држава како и програмите за рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците странски терористички борци и нивните семејства.
На настанот националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски, зборуваше за искуствата во нашата земја, а исто така и другите претставници од институциите во Република Северна Македонија ги изнесоа нивните искуства. Искуствата и праксите споделени од гостите од другите земји во процесот на спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам беа од значење за Република Северна Македонија.
На конференцијата се донесе единствен заклучок дека ваквата соработка и споделување на искуства од институциите вклучени во процесот на превенција од насилен ектремизам и процесот на реинтеграција на земјите од Западен Балкан се од големо значење за регионот и дека во иднина треба да се продолжи во ваквата практика.