Обука за отпорност од лажни вести и комуникација во криза

Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам со поддршка на Македонскиот центар за меѓународна соработка - МЦМС, во периодот од 21 до 23 февруари организираше тридневна обука за членовите на Националниот комитет на тема „Комуникациски вештини, односи со медиумите, отпорност на лажни вести и комуникација во криза“.

Обуката  опфати  стратегија за интерна и екстерна комуникација на институциите во кризни ситуации како и реални симулации на кризни  ситуации во форма на снимање интервјуа и изјави. Целта на оваа обука беше учесниците да ги препознаваат дезинформациите и лажните вести  во кризна  состојба, соодветно и проактивно да одговорат на  јавноста, како и да го дефинираат системот за комуникација за време на кризата.

Учесниците се запознаа со техники на откривање на лажни вести и дезинформации и како да работат во кризниот тим, како и со фазите и достапните алатки за успешно решавање на кризата.

Со учесниците на обуката работеа домашни експерти кои имаат искуство во истражувачкото новинарство и односот на јавноста спрема лажните вести кои се шират преку социјалните медиуми.