Македонското здружение на млади правници (МАЈЛА) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, во рамките на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“, поддржан од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедницата – GCERF, од 11 до 13 декември 2024 година, во Охрид, одржаа координативен состанок.
На состанокот свое обраќање имаше националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов кој се осврна на работата на Националниот комитет во тековната година, како и на идните планови за унапредување на понатамошната работа и функционирање на Комитетот. Посебен акцент беше ставен на меѓуинституционалната соработка и соработката со невладините организации.
Претставниците од граѓанските организации ги презентираа спроведените активности и постигнати резултати во рамките на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“ за периодот од јануари до декември 2024 година, но и предизвиците со кои се соочувале изминатиот период. Тие, исто така, пред членовите на Националниот комитет ги презентираа и планираните активности за 2025 година со поддршка на програмата на GCERF.
Државните институции и граѓанскиот сектор редовно одржуваат вакви координативни состаноци, кои се можност за презентирање на постигнатите резултати, предизвиците со кои се соочуваат, како и можностите за унапредување на успешната меѓусебна соработка во процесот на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција.
Дефинирани се и заклучоци кои се во функција на поефикасно спречување (превенција) на насилниот екстремизам, како и борбата против тероризам, при што посебно беше нагласена потребата од подготвување на насоки или протокол за имплементација на стратегиите, плановите и процесите за спречување на тероризмот.
