Националниот координатор Павле Трајанов учествуваше и имаше воведно обраќање на регионален настан „Прекугранична соработка за градење отпорни заедници: вмрежување и размена на најдобри практики за борба против насилен екстремизам“

Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам Павле Трајанов учествуваше и имаше воведно обраќање на регионален настан на тема: „Прекугранична соработка за градење отпорни заедници: вмрежување и размена на најдобри практики за П/СВЕ и Р&Р“, кој во организација на Отворена Порта-Ла Страда Македонија, се одржа на 25 и 26 февруари 2025 година во Скопје.

Павле Трајанов изрази задоволство за можноста да учествува и да го отвори овој собир на високо ниво, чија цел е да обезбеди размена на увиди и најдобри практики за превенција и спречување на насилниот екстремизам, како и за рехабилитација и реинтеграција.

Тој истакна дека активното учество на граѓанското општество во превенцијата на насилен екстремизам е од големо значење и соработката на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам со невладиниот сектор се одвива исклучително добро и тој како национален координатор силно ја поддржува работата на невладините организации. 

Трајанов нагласи дека од шесте балкански држави Република Северна Македонија има најдобар пристап во спречување на радикализмот, насилниот екстремизам и тероризам. Државата презема комплексни активности и е добро поставена, особено во однос на функционирањето на безбедносните служби, но тој процес треба постојано да се надградува за што од големо значење е поддршката од меѓународните организации, ОБСЕ, Европската Унија, помошта од амбасадите од САД, Холандија, Италија.

Трајанов истакна дека ваквите регионални собири се од големо значење за зајакнување на регионалната соработка. Тој како национален координатор ја актуелизира идејата за формирање на Балкански центар за борба против тероризмот со седиште во Скопје, преку кој би се подобрила меѓусебната координација и меѓусебната оперативна соработка.

Во продолжение на регионалниот собир, националниот координатор Трајанов учествуваше и на панелот „Трендови и моментална состојба во спречувањето на насилен екстремизам (П/НЕ) во земјите учеснички“. Тој истакна дека Македонија има бројни документи, проследени со соодветни акциски планови, фокусирани на градење на отпорност на системот кон насилен екстремизам и дека имплантацијата на активностите дава соодветни резултати.

Во однос на предизвиците со кои се соочува Република Северна Македонија тој истакна дека освен верскиот радикализам по различни основни, во последно време најопасен тренд е и online радикализацијата. Но, Македонија презема силни превентивни мерки, како резултат на кои во 2024 година беа лишени од слобода 4 лица, а во почетокот на 2025 година уште 4 лица.

Тој истакна дека во последната година во државата е присутен и етнонационализам кој се користи за поддршка од гласачите, но и блокада на институциите во борбата против криминалот. Според него, успехот во борбата против овој опасен феномен зависи од функционалноста на државата, меѓутоа робусната и ефективна борба против организираниот криминал во голема мерка го амортизира етнонационализмот.

На овој собир присуствуваа и Лејди Дервиши, национален координатор против насилен екстремизам, Координативен центар за борба против насилен екстремизам од Албанија и Менсур Хоти, директор на Одделот за јавна безбедност на Косово.