Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов учествуваше и имаше обраќање на координативниот состанок, кој што Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во соработка со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, го организираше на 2 и 3 јуни 2025 година, во Струмица.
На координативниот состанок, на кој учествуваа членови на Националниот комитет и претставници од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), граѓанските организации ги презентираа спроведените активности и постигнати резултати во рамките на проектот „Градење инклузивни и отпорни заедници“, поддржан од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедницата – GCERF, за периодот од јануари до јуни 2025 година, но и планираните активности до декември 2025 година.
Во своето обраќање националниот координатор Трајанов се осврна на активностите на Националниот комитет, којшто ја координира работата на 22 државни институции и подвлече дека тоа е комплексен процес што бара посветеност и континуитет. Според него, државните институции исклучително добро ги извршуваат активностите, а добро функционира и соработката на институциите со граѓанските организации. Тој нагласи дека силно ја поддржува работата на невладините организации во „мекиот пристап“ во спречување на радикализацијата и насилниот екстремизам.
Националниот координатор Трајанов ја истакна и успешната соработка со меѓународните организации, особено со ОБСЕ за изработка на стандардни оперативни процедури постапување при добивање на закана за терористички акт и дејствување во услови на терористички акт, како и со Европската Унија во подготвувањето на новиот Заеднички акциски план (Патоказ) за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам за Западен Балкан.
Тој нагласи дека во наредниот период покрај во процесот на рехабилитација, ресоцијализација и реинтеграција на повратниците и нивните семејства, една од најзначајните активности треба да биде превенцијата од радикализација и насилен екстремизам.
Националниот комитет ќе работи и на јакнење на капацитетите на државните институции и развивање на соработката со граѓанските организации, со цел спречување на радикализацијата и на насилниот екстремизам.


Add new comment