Состанок на националните координатори за борба против тероризмот

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Павле Трајанов, учествуваше и имаше свое обраќање на 18-ти состанок на Регионалната мрежа на национални координатори за борба против тероризмот, кој на 15 октомври 2025 година се одржа во Скопје.

На состанокот, кој беше во организација на регионалниот советник за борба против тероризмот и безбедност на Европската Унија, Еди Гриф, освен националните координатори од земјите од Западен Балкан, присуствуваа и претставници на Секретаријатот на Интегративното управување со внатрешната безбедност, претставници на Европската комисија, Европската Унија, ОБСЕ, ООН, претставници на повеќе амбасади, фондации и други.

Состанокот на националните координатори се фокусираше на дискусија околу патоказите на земјите од Западен Балкан низ петте цели на новиот Заеднички акциски план за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам, што треба да биде усвоен на крајот на октомври во Сараево.

Посебно место зазема расправата за предизвиците во борбата против финансирањето на тероризмот, како и онлајн димензијата на тероризмот и насилниот екстремизам и злоупотребата на вештачката интелигенција.

Во своето обраќање националниот координатор Трајанов истакна дека новиот Заеднички акциски план на државите од Западен Балкан дава широки можности и обврска за многу поорганизирано дејствување и меѓусебна соработка и обезбедување мирен и безбеден Балкан, што е и главен предуслов за позабрзан, демократски и економски развој, како и коренити реформи согласно патоказите. Овој нов Акциски план е многу конкретен и прилагоден за ефикасно соочување со предизвиците.

Тој информираше дека во услови на геостратешки сериозни безбедносни предизвици Северна Македонија целосно ја усогласи својата политика со политиките на ЕУ и НАТО. На овој план се преземаат кредибилни активности и за спречување на радикализацијата, насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, како и борбата против тероризам, нелегалната миграција и хибридните закани.

Според координаторот Трајанов, во Македонија овој систем е добро поставен, но истиот постојано се надоградува во соработка и со ЕУ, ОБСЕ, Советот на Европа, амбасадите на САД, Холандија, Германија и другите држави, како и повеќе фондации кои го поддржуваат мекиот пристап во борбата против насилниот екстремизам преку вклучување и поддршка на граѓанскиот сектор.

Тој истакна дека Република Македонија работи посветено на јакнење на безбедноста и ефикасно справување со безбедносните предизвици.

Националниот координатор Трајанов се осврна и на неколку врвни приоритети кои ги дефинира Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, пред сѐ спречување на онлајн радикализација, за што се подготвува и закон, а предвидено е и формирање на посебна единица, но и кадровско екипирање и техничко опремување.

Според него, онлајн радикализацијата добива сѐ поголемо значење, во индоктринација и поттикнување на насилство и терористички напади, која дополнително се влошува со користењето на вештачката интелигенција. Заканите од тероризам со користење на вештачката интелигенција во иднина ќе се мултиплицираат. Сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како и се поголемата агресивност кај младите, се сериозни закани за безбедноста.

„Понатаму, приоритет е поставување на системот за безбедност преку меѓуинституционална соработка и размена на информации поврзани со терористички закани, како и дејствување во услови на терористички акт. Во соработка со ОБСЕ подготвувавме правила, стандардни оперативни процедури за дејствување во услови на терористички напад,“ истакна Трајанов.

Тој подвлече дека сериозен предизвик е и поврзаноста на организираниот криминал и тероризмот, каде терористичките организации се обидуваат криминалните групи да ги ангажираат за извршување на терористички акти.

Во овој дел, како што истакна националниот координатор Трајанов, мора да се даде приоритет и на финансирање на радикализацијата преку криптовалути, користење невладини или верски асоцијации.

На 18-ти состанок на Регионалната мрежа на национални координатори за борба против тероризмот, му претходеше состанок на координаторите, кој ќе се фокусираше на развивање образец за Патоказот за спроведување и методологијата за следење на Заедничкиот акциски план и кој се одржа на 14 октомври 2025 година во Скопје.