Почитувани членови на Комитетот,
Почитувани претставници на институциите,
Дами и господа,
Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата. Денешната седница ја третираме не само како координациска, туку како суштинска точка во еден поширок напор, напор да создадеме систем што ќе ги препознава ризиците на време, ќе реагира ефикасно и ќе обезбеди долгорочна заштита на граѓаните.
Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста, тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба. Воедно во оваа прилика дозволете ми да се осврнам на една блиска, но многу важна тема. Тоа е борбата против корупцијата.
Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција.
Корупцијата не беше појава - беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција.
Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница.
По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кој вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост.
Со затворањето на постапките за усогласување, Групата на држави против корупција на Советот на Европа испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Ова не е само административно признание - ова е институционална пресвртница. Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност.
Борбата против корупцијата не е декларација туку системска промена што сега добива и меѓународна потврда.